Приказна за весникот „Вечер“

Приказна за весникот „Вечер“

deDeutsch/Français

Cиноќа ми се јави шефот. Имал некој нов  „ауфтраг“ за мене. Сто сценраија превртив низ глава, од сон ме истаи, пошто така кога ќе ти се јави у 10 навечер шефот не е баш дека во слаткотија на сонот да му се предадам можам. И што било работата? Жени, ми рече, бегалки во домот карши кејот, биле моментално, од некоја нам новинарите непозната причина, повторно во фокусот на медиумите. „Со ова проективе на владата, стално некои такви теми се провриваат низ новиниве, ко да не може без нив“  прогунџа мојот швајцарски шеф, пошто ништо друго не му останува. И иначе не сме во некои завидно добри односи, пошто кај жена па уште и странец, не му се погодив најмногу. Но нејсе, како и секоја вистински медиум, Вечер си има своја социјала, па им се најдов таман, ме замаа на „штунден лон базис“. За чудо живо, работичка стално се наоѓа, а понекогаш и вистински теми.

Како на пример домот за жени бегалки. Ептен погодено, ко за мене. Зошто толку погодено? Затоа што да се работи во Швајцарија на социјани теми е како да бараш соѕвездија на облачно небо. Тука се, ама не се видливи. То ест, толку добро се скриени што дури имаш чувство дека воопшто ниту не постојат. Споредбата за овие теми со невидливи соѕвездија е сигурно погрешна. Соѕвездијата укажуваат на невидливи светови преполни раскош непознат за човечкиот ум. Темата бегалки во западниот свет е повеќе налик на запоставен неистражен подрум, преполн непосакувани вистини. Нејсе, си го земав таблетот под рака и си кинисав, во новата потрага по она што сеуште не било во медиумите: како маргиналните групи на бегалки жени се снаоѓаат во време на кризава.

Прво да влезеш таму воопшто е невозможно. Мора врски да имаш. Изолирани се на повеќе нивоа, поради вирусов, а и иначе, тотално изолирани. Забрането им е да прават било какви обиди за интеграција се додека не се реши нивниот правно/политички статус. Врски некако изнајдов, пошто и луѓево овде, како и секаде на светот, сакаат да чујат што е твојата намера, ама за разлика од секаде на светот, овде сакаат да си ја завршат работата одговорно и достојно. Со една мала усна препорака, дојдов до Нардос на телефон и така договоривме на лош германски дека утре ќе поминам во 2 часот кај нив.

Куќата кај што јас влегов е однадвор опколена со ѕидини и железна ограда низ која протекува струја, со камери за набљудување и со строга контрола на влез и излез, така што имаш чувство дека влегуваш во Америчка амбасада во Скопје, а не во еден дом за жени бегалки во Швајцарија. Нардос, набрзина ме поздрави и уште на влезот ме предаде на Фатен, која ќе биде моја соговорничка и водителка денеска, пошто она имала за готвење Сомалиска вечера, за центарот за бегалки, каде секоја среда навечер се збираат сите на кои им е потребна помош.

Фатен ме поздрави со топла насмевка, позади која светеа топли, светло кафени очи, преполни љубов и интелигенција, истовремено. Доаѓа уршрпунглих од Иран, и живее во домов 6 месеци, така ми се претстави Фатен. Уршпрунглих комен, на германски значи, потекло на врстата, од каде доаѓаш, во смисла на крајот од кај што си кинисал, па сѐ до овде до кајшто си стасал. Интересно е дека Швајцарец никогаш нема да пропушти да те праша, од каде доаѓаш, со нагласок на уршрунглих. Тоа е еден од првите зборови кои ги научив на германски, уште пред воопшто да почнам да учам германски, бидејќи нагласокот во тоа прашање е присутен во секој разговор што го водам со непознати од денот од кога се доселив во Швајцарија. Без исклучок, ме прашуваат од каде доаѓам уршпрунглих. Од Горно Нерези, ама нејсе, како да им објаснам!?

Со Фатен тргнавме од задната врата на домот, како што и најчесто е вообичаено во многу домови, која е неофицијалниот главен влез на куќата. И директно во пералната во која машината за перење и сушилицата паралелно се дрмаа во синхронизирана галама, што веднаш го прекина нашиот разговор. На ѕидот отспротива висеа бесконечно многу бебешки алишта во сите големини и бои. Пребегнавме во ходникот и позади затворената врата ја оставивме галамата и мирисот на прашак за перење.

Фатен беше некако посебно возбудена од можноста некому да му го претстави домот во кој живее. Позади срдечната насмевка, се криеше една едвај видлива горчина, која не ја забележав од прва. Тааа тихо и понатаму ме водеше низ просториите. Во облак од пара од егзотични мириси повторно на кратко ја видовме Нардос во кујната, како ја спрема својата Сомалиска вечера. Насекаде по ходниците и во собите владееше полумрак и неодолив мирис на мувла кој имаш чувство како да ја скапува кожата.

Низ неверојатно стрмни скали се искачивме на првиот кат, каде што сепак имаше значително повеќе светлина. Ова се двете канцеларии на нашите шефови, ми рече Фатен. Тогаш за прв пат можев добро да го приметам болниот отсјај на душевна горчина што се криеше зад нејзината насмевка. „Какви шефови, не разбирам?“, ја замолив да ми објасни, бидејќи најмалку што очекував е во еден ваков дом да наидам на канцеларии на нечие водство. „Па тука доаѓаат да работат нашите шефови“ ми објаснува Фатен, со насмевка која почна полека да исчезнува. „Двајца Швајцарци секојдневно проверуваат дали се враќаме дома“. „Тие всушност све проверуваат ама не помагаат многу“ вели таа незадоволно. „Тие не се тука да се бават со нашите секојдневни проблеми. Туку повеќе како некој вид полиција, да проверат дали некој во меѓувреме избегал“, се обидува да ми објасни Фатен на својот почетнички германски. Моето новинарско око, многу брзо забележа дека двете канцеларии завземаат најмногу простор на првиот кат и воедно ја имаат најубавата местоположба на спратот. Внатре да влеземе сепак не можевме, бидејќи, сѐ разбира, тие се под клуч, ми објасни Фатен.

„25 луѓе, во 3 соби, од тоа десетина деца, едно штотуку родено“ го наброја Фатен билансот на жителите, на моето прашање каде живее таа, со тажна насмевка отвори една врата во која како и во секоја од преостанатите 2 соби имаше креветчиња на кат и апсолутно никаков друг мебел. Како во војничка касарна, наредени едно до друго, набиени во неколку квадратни метри, овие жени ја делат судбината на бегалки во Швајцарија.

Не можев да не забележам дека домот во тој момент беше речиси празен. Освен една млада мајка од Еритреја со своите три дечиња, во собите немаше никого. „Каде се жените уствари?“ ја потпрашав мојата  водителка, бидејќи не ми беше јасно зошто не се дома, кога тие и онака не се вработени, ниту пак смеат да бидат вработени. Пари секако немаат, освен дневната доза од по 10 франака дневно, кои ги добиваат на рака, секој ден од бирото за бегалки, што се наоѓа во центарот на градот.

„Не се издржува овде да се седи“, ми кажа Фатен со затемнето чело и со некаква полунасмевка, обидувајќи се и понатаму да биде љубезна. „Жените овде постојано се караат, од утро до мрак. Никој никого не може ниту да го гледа ниту да го трпи. Најчесто децата се причина за тешки кавги, но вистинска причина и не мора да постои. Така се почнува денот, така завршува.“ Единствениот момент кога може да биде навистина сама и во мир, сподели Фатен со мене, е длабоко во ноќта кога сите спијат. Тоа се за Фатен во последните 6 месеци единствените интимни моменти, кога го има својот мир.

После турата по собите, ми свари арапско кафе со бибер и зрна од кардамон, па седнавме во дворот на благото пролетно сонце да си поприкажеме. Ме интересираше зошто ја одбрала судбината на една бегалка? Како дошла до ова дереџе? Кафето беше горко како и нејзината приказна.

Фатен во Иран дипломирала на факултет за драмски уметности, а потоа се обидувала да створи актерска кариера. До неодамна работела како глумица за некои алтернативни театри. Додека таа живеела за театарот и се бавела со уметност, нејзиниот сопруг станал политички активен на начин на кој тамошната влада на Иран го сметала за опасен.  Еден ден била повикана на информативен разговор во полицијата. Таму и било соопштено дека знаат све за неа. Дека знаат све за нејзините политички активности но и за нејзиниот љубовник и за нејзините неверства.  Ако не сака да заврши во затвор, ѝ било соопштено, ќе мора да работи како шпион за својата држава и да ги известува редовно за активностите на својот маж.

„Замисли, ми вели таа, одеднаш полицијата очекуваше од мене, да станам шпион во сопствениот дом!„ „Јас да го шпиунирам сопствениот маж никогаш не би можела“ бил нејзиниот храбар одговор со кој се обидела да се извлече од ситуацијата. Навистина, Фатен немала појма со што точно се занимава нејзниот маж, ниту какви опасни политички активности тој превземал. Тоа што таа е потполно невина и неспособна да стори ништо за ситуацијата во која одеднаш се пронашла, полицијата секако немала никаков слух. „Најстрашно од сѐ, ми рече Фатен, но во доверба, е дека тие сепак имаа право во врска со моите неверства. Јас веќе 2 години живеев потајно во љубовна врска со колега од еден друг театар, кој го запознав за време на нашите заеднички настапи“.

„Никогаш не сум доживеала ништо слично со ниту еден човек. Јас бев мажена, имав и дете, но сето тоа беше во време кога јас бев толку млада. Морав да чинам онака како што мајка ми и свекрва ми ме учеа. Морав да живеам онака како што традицијата ми налагаше. Ништо свое ниту чувстував ниту доживував во сите тие 10 години брак. Кога почнав да настапувам со театарот одеднаш почнав да чувствувам што значи да имаш свој живот, да бидеш слободна, да можеш да живееш со полни гради. Во тој полет го сретнав и него. Тоа и само тоа е права љубов. Никој не може тоа да ми го порекне, затоа што знам што носам во срцево“, говореше Фатен, страствено со искри во топлите кафени очи.

„Во Иран се разбира“, ми објаснуваше таа, „за неверство жените завршуваат во затвор. Од затвор може сепак фамилијата да те откупи, но ти си изгубена после тоа. Твојот живот после тоа е уништен.“

„ Во страв дека сѐ што можам да сторам е да им ги уништам животите на сите тројца, на мојот љубен, на моето дете и на мојот сопруг, една вечер, без никому збор да кажам, пребегнав во Ирак со кола и од таму со авион, кој за мене го организираше една роднина од другата страна на границата, за Цирих. Дојдов сама, без никого и без ништо. Тука сум. И неможам ниту да се вратам, ниту да одам некаде. Тука сум и не можам да сторам ништо. Мојот живот онаков каков што го имав е завршена приказна.“

„А каде се сега детето и мажот?“ претпазливо прашувам јас понатаму, иако знам дека со секое прашање, ризикувам да бидам преплавена од океан емоции, кои никако не ќе можам покасно да му ги соопштам на шефот ниту да ги искористам за мојот новинарски прилог. „Тие останаа во Иран“ ми соопшти Фатен, и на мое големо изненадување ми рече дека е тоа сепак најдоброто решение кое воопшто се случило откако почала нејзината голгота. „Ми недостасува нашиот син, но тој има веќе 14 години и знае прилично добро да се грижи за себе. Знаеш, јас него го добив со 15 години. Бев венчана во договорен брак меѓу моето семејствато и семејството на мојот сопруг, кога јас самата имав 14 години. За среќа го имам само него, а не како моите пријателки уште барем 5 деца.“

Молчиме.  Фатен гледа некаде во далечината. После некое време, ми вика, напиј се, кафето ти се олади. Навистина се олади. Полека почнувам да ја приметувам природата околу нас, во дворот во кој бевме седнати. Со “ауфтраг“ сум дојдена од шефот. Морам да си ја завршам работата до крај. За жал и покрај сета трагедија на приказната за еден уништен живот, што е сериозно проткаен со потекстот на една диктатура, јас морам во сето тоа да инсистирам на податоци во врска со корона вирусот. Не бев дојдена да собирам материјал за роман/трилер/трагедија туку да напишам извештај за состојбата на жените бегалки во Швајцарија за време на корона кризата.

„Корона!“ извика Фатен, на моето прашање за тоа дали можеме малку да позборуваме во всрка со короната „тоа е благослов за мене!“ Таков одговор, секако не очекував, но после извештајот за нејзината судбина, која виси во непријатна неизвесност, во овој дом без хоризонт, без изгледи за иднината, без надеж, нејзиниот одговор дојде како зрак светлина во темницата. „Сѐ разбира, на почетокот многу се исплашив. Почнав да чистам и да дезинфицирам сѐ што ќе видев и допрев околу себе. И онака е тешко со хигиенските услови во домов, со короната, ситуацијата стана неподносливо тешка. Не би сакала да се разболам, не би сакала да умрам без уште еднаш да ги видам нив двајцата. Синот мој. И него.. мојот љубен.“

Тоа е нејзината борба. Таа живее за тој момент кога повторно ќе се соедини со оние што најмногу ги сака. Секоја од овие жени, носи таква или слична судбина. Протерани или избегани, тие живеат за моментот на повторно соединување. Повторна средба. Судбина. Ќе рече некој. Но и љубов, која дава сила човек да се бори против таа немилосрдни удари на судбината. Да верува во добро и да се бори за својот живот.

Нејзиниот љубовник, одма после нејзиното бегство, завршил во затвор. Под обвинение дека две години соработувал со шпионка која работи за “странски“ власти и која илегално ја напуштила земјата поддржана од нив, тој без шанса да се одбрани, завршил во истражен затвор.

Во моментот кога започнал вирусот интензивно да се шири, Иранските власти одлучиле многу од “преодните“ случаи да ги пуштат на слобода т.е во домашна изолација. Меѓу нив бил и тој. Веќе само по еден месец, човекот пребегнал од домашниот притвор и исчезнал. Фатен не знае каде е тој. Но знае дека еден ден тој ќе се јави. „Живеам за тој момент“, вели Фатен со топла насмевка. „ За што друго да живеам? Тоа е мојата последна надеж. Дека ќе успее да стигне некако во Европа. И дека еден ден ќе ме побара на телефон. Во моментов не знам за ништо друго. Не живеам за ништо друго. Само за тој момент. Секоја ноќ, кога ќе стивнат караниците и кога жените и децата околу мене ќе потонат во сон се молам за него. И во срцево мое, длабоко, знам дека е жив. Затоа што тоа нему му говори. Му говори да издржи и да не губи надеж. Му говори да остане храбро и да верува дека ќе го најде патот до мене. Му говори да верува дека е судено да бидеме заедно.“

Ја напуштив оваа куќа со истата надеж.

Hat dir dieser Beitrag gefallen?

1 0
Written by
Maya kommt ursprünglich aus einer politisch und kulturell stark geprägten Region des Balkans: Mazedonien. Sie ist in den 90er-Jahren in der Hauptstadt Skopje in einer Nachkriegsatmosphäre aufgewachsen. Damals gab es weder eine Kunstszene noch Kunst-Vereine. In diesen schwierigen Zeiten hat sie erkannt, wie wichtig es ist, Zeichen zu setzen und dass es Menschen gibt, die kreativ denken und arbeiten wollen. So war sie seit ihrer Jugendzeit mit verschiedenen kleinen und grossen Engagements in der subkulturellen Szene von Skopje aktiv: Kanal 103 Radio, Locomotion Festival, Dream On Festival… Seit 2012 wohnt sie in der Schweiz und studiert Weltliteratur an der Universität Bern am "Center for Global Studies (CGS)". "Es ist meine Vision, eine aktive Gestalterin und Promoterin der Vielfalt kultureller Ausdrucksformen zu sein, die es in multikulturellen Milieus gibt. Insbesondere interessiert es mich, wie man die Rezeption der zeitgenössischen Kulturszene vertiefen und verbessern kann und Räume zu schaffen für multikulturellen Ausdruck, sowie für die Vermittlung zwischen Kultur und Politik."

Was denkst du darüber?

Lost Password

Please enter your username or email address. You will receive a link to create a new password via email.

%d bloggers like this: